Бројот на регистрирани активни случаи на Ковид-19 во земјава вчера падна под 5 000, а намален е и на околу пет проценти бројот на позитивни на вирусот од направени анализи.
Во вчерашниот Ковид-билтен од направени 4.572 тестирања регистрирани се 266 нови случаи на КОВИД-19, 717 оздравени пациенти, како и 15 починати лица, од кои седум се пријавени согласно Регистарот од Мој Термин.
Како што информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, најмногу од новорегистрираните лица 120 – се од Скопје по што следат Битола со 25, Прилеп 22, Охрид 20 и Куманово и Кавадарци по 11.
Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се и осум починати лица од кои по две се од Струмица (56г и 76г) и Куманово (63г и 75г) и по едно починато лице од Скопје (82г), Прилеп (83г), Битола (47г) и Штип (83г). Сите се починати во болнички услови.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 222.932, бројот на оздравени пациенти е 210.319, на починати е 7.894, а бројот на активни случаи изнесува 4.719. Најмногу активни случаи 2.375 има Скопје, а најмалку, односно по едно во Пехчево и Дојран.
Првиот случај на сојот омикрон на вирусот SarsCoV2 во земјава е детектиран завчера кај маж кој допатувал од Велика Британија. Надлежните – здравствени власти најавија дека за време на празниците не се предвидуваат нови дополнителни мерки во земјава, а вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата.
Прелиминарните податоци од Светската здравствена организација (СЗО), покажуваат дека сојот омикрон на коронавирус може да ја намали ефикасноста на вакцините против Ковид-19, но овој вид е помалку опасен од делта сојот.
Научните советници на британската влада предвидуваат дека сите нови антиковид мерки, вклучително и забраната за собирање во затворено, кои што почнуваат од вторник, 28 декември, треба да траат до 28 март следната година, со цел да се намали бројот на смртни случаи во Англија за 39 отсто.
Правилата ќе вклучуваат забрана за дружење меѓу членови на две домаќинства во затворени простории, враќање на собири до шест лица на отворено, додека пабовите и рестораните би можеле да ги одржуваат отворените делови.
Советниците од Универзитетот во Ворвик наведуваат дека рестриктивните мерки ќе го преполоват притисокот врз болниците, во споредба со мерките од сегашниот план Б. Тој предлог се уште не го виделе министрите, кои би можеле да донесат одлука на почетокот на следната недела, јавија лондонски медиуми.
Слободно, без посебни рестриктивни мерки, без карантин и полициски час за разлика од лани, но со селф тестови, задолжителна маска, без јавни празнични манифестации и со значително поскапи цени, Грците ќе ги поминат божиќните и новогодишните празници.
Актуелните мерки остануваат непроменети и рестрикциите во главно се однесуваат на невакцинираните лица, за кои е забранет влез во речиси сите затворени објекти, а иако се споменуваше воведување задолжителен рапид тест за прослава на празниците во баровите и ноќните клубови, сепак грчката Влада одлучи тестирањето да го остави на самите граѓани, преку два бесплатни селф тестови, односно тестови за домашна употреба.
Во последен момент пред Божиќ, Владата воведе мерки, но се однесуваат на задолжителната маска и на отворено и на затворено, а не само во затворените простори како што беше случај досега, како и на откажувањето на сите јавни божиќни и новогодишни манифестации.