По одлуката на хрватските власти да ја суспендираат дистрибуцијата и употребата на БЦГ-вакцината произведена од бугарската компанија „Бул био НЦИПД“ од Софија, привремено се одложува имунизацијата со оваа вакцина и во Македонија.
Причината е што станува збор за ист производител, а македонските здравствени власти во моментов ги проверуваат сериите на вакцината што се користат во земјава.
Претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, потврди дека досега во Македонија нема пријавено ниту еден случај на несакана реакција од БЦГ-вакцината.
Од Комисијата велат дека одлуката е превентивна и дека вакцинацијата ќе биде времено одложена додека не се добијат целосни информации за сериите што се користат во Хрватска и кај нас.
Хрватска претходно ги суспендираше дистрибуцијата и употребата на сите серии од вакцината, по барање на ХАЛМЕД, поради сомневање за неисправност во квалитетот и извештаи за сомнителни несакани ефекти.
Од Комисијата за имунизација, сепак, апелираат до родителите да не паничат, бидејќи досега во Македонија не е регистрирана остеомиелитис како компликација од БЦГ-вакцинацијата.
МАЛМЕД веднаш е контактирана и од неа се побарани информации за сериите на вакцините што се употребуваат во Македонија.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека БЦГ-вакцинацијата во земјава останува задолжителна, имајќи предвид дека Македонија е земја со висок ризик од туберкулоза.
На Институтот за ТБЦ во моментов се лекуваат 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 случаи се регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“, пак, во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година досега 12 нови случаи.
Од Министерството уверуваат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД пристигнала само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БЦГ-вакцина – во август 2022 година. Станувало збор за појава на апсцес на местото на апликација, реакција која е наведена и во упатството за употреба на вакцината.
Вакцини за грип сè уште нема
Министерството за здравство информира дека на тендерот за набавка на вакцини против сезонски грип не пристигнала ниту една понуда.
Како причина се наведува глобален проблем во производството, откако оваа година истовремено се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината – два за грип А и еден за грип Б.
Од Министерството очекуваат вакцините да бидат обезбедени во текот на октомври преку меѓународни канали.
Вакцинацијата против сезонски грип останува една од најефикасните мерки за заштита од тешки форми на болеста и компликации, особено кај хронично болните, повозрасните лица и бремените жени.
