Согласно член 74 од Законот за заштита и спасување, сите инсталации, уреди и постројки мора да бидат изведени и одржувани на начин што нема да претставува опасност од пожари и експлозии.
За правилното изведување се одговорни инвеститорите и изведувачите, а за нивното редовно одржување – сопствениците или корисниците на објектите.
Органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установите, како и службите за заштита и спасување, имаат обврска да ги одржуваат во исправна состојба и редовно да ги чистат оџаците, димоводните уреди, системите за воздух и греење, како и котлите за парно.
Според Правилникот за одржување во исправна состојба на оџаците и системите за греење, прегледите и чистењата се вршат со следна динамика:
-
За домаќинствата – двапати во текот на грејната сезона и еднаш надвор од сезоната;
-
За јавните институции и правните лица – еднаш месечно во текот на сезоната за греење и еднаш надвор од неа;
-
За вентилационите канали и резервни оџаци – најмалку еднаш годишно.
Оџаците и системите мора да имаат потврда (атест) за исправност пред нивно пуштање во употреба. Прегледите ги врши Дирекцијата за заштита и спасување, а за секој извршен преглед се составува записник.
Во случај на утврдена неисправност, се преземаат мерки за итно чистење и оспособување на системите, а при сите интервенции се применуваат задолжителни мерки за заштита од пожар.
За непочитување на член 74 од Законот, предвидени се прекршочни санкции:
-
1.000 евра во денарска противвредност за физичко лице;
-
5.000 евра за правно лице;
-
30% од глобата на правното лице за одговорното лице во правното или странското правно лице.
Општина Охрид апелира до сите граѓани и правни субјекти навремено да ги проверат и одржуваат своите системи за греење, со цел превенција на пожари и обезбедување безбедност за сите.
