Голем број општини ќе бидат вклучени во еколошката акција „Генералка викенд“ која ќе се спроведе од 6-8 мај низ земјава. Во Охрид акцијата е предвидена за на 7 мај, а збирното место е плажата Горица во 10 часот.
Локациите на кои што ќе се одвива чистењето се дворовите и околината на сите средни училишта, од хотелот Парк до поранешната Детска клиника. Излези и ти, собери го отпадот од твојата директна околина и допринеси за поздрава и позелена иднина за сите!, велат организаторите.
Акцијата за чистење ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2022, е една од активностите кои ги спроведуваме за да придонесеме во подигнување на јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно да влијаеме за зачувување на животната средина, додаваат организаторите.
Целта е да собереме што е можно повеќе отпад кој потоа ќе се носи до најблиската Пакомак или локална станица за отпад. Со секои 10 кг отпад, придонеси во засадувањето на новите пристапни шуми “Сончева Гора” – национални зелени споменици што ќе растат секоја година, порачуваат организаторите.
Во оваа акција која е во организација на Пивара Скопје, Пакомак и Мен енд маунтен, велат, ќе се вклучат многу поддржувачи, како Министерството за животна средина, Министерството за земјоделство, претставници на дипломатскиот кор, повеќе од дваесет општини, училишта и локални поддржувачи, спортски клубови.
