Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, заедно со делегација од Министерството и Армијата на Република Северна Македонија деновиве престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави.
Во рамки на посетата, државниот секретар Николиќ се сретна со бригадниот генерал Гарик Хармон, командант на Командата за безбедносна поддршка на Армијата на САД, која е одговорна за странските програми за поддршка и градење на капацитети.
„Армијата на Република Северна Македонија забрзано се модернизира, а дел од таа модернизација ја реализираме со сериозна американска поддршка. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави како стратешки партнери и сојузници во НАТО изградија исклучително блиски одбранбени односи, кои претставуваат уште еден придонес кон колективната безбедност на Алијансата“, рече државниот секретар Николиќ на средбата.
Николиќ ги претстави плановите за модернизација и опремување на Армијата, со фокус на набавките на лесни оклопни возила за потребите на Армијата кои се во тек и за кои владите на двете земји веќе потпишаа договор, како и на плановите за набавки на ново и софистицирано оружје во иднина.
Државниот секретар Николиќ се сретна и со бригадниот генерал Роберт Бари, главен извршен офицер за програмата авијација на Армијата на САД. На средбата стана збор за плановите на македонската Армија за трансформација на воздухопловната компонента.
Во рамки на посетата, државниот секретар Николиќ и делегацијата од Министерството и Армијата имаа средби со повеќе американски компании од одбранбената индустрија, вклучувајќи ја и компанијата „Oshkosh“, со која е склучен договор за набавка на лесни оклопни возила.
Во компанијата „Oshkosh“ државниот секретар беше брифиран за производите на оваа компанија и процесот на производство, вклучувајќи го и производството на возилата JLTV Oshkosh, кои од годинава ќе бидат дел и од опремата на Армијата на Република Северна Македонија. На симболичен начин се изврши примопредавање на првите возила од програмата JLTV кои ќе претставуваат основна платформа на македонската Армија.
Министерство за одбрана – Република Северна Македонија