Денес, православните христијани го прославуваат Бадник, ден пред еден од најголемите христијански празници во христијанството, Божиќ.
Бадник или Коледе е денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според јулијанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6-ти јануари секоја година, а Божиќ на 7-ми јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие два христијански празници. Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.
Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.
Божиќ е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Со Божик е поврзана и поговорката: “Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.
Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.