Државната изборна комисија на седница усвои заклучок вон сила да се стави Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.
Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.
Во сила е член 60 кој го регулира правото на учество на избори, согласно законот и Уставот секој има и активно и пасивно избирачко право да избира и да биде избран. ДИК нема право да ускратува никому и не ускратува законско право за учество на избори. Овде не се работи за одлука на ДИК туку за примена на законот. Така што, сите политички партии, коалиции, група избирачи согласно член 60 имаат право на учество на изборите, рече Кондарко.
