HomeАктуелноИсториски чекор за Охрид: За првпат изведени три роботски операции на колено во „Св. Еразмо“

Историски чекор за Охрид: За првпат изведени три роботски операции на колено во „Св. Еразмо“

Охридската болница влегува меѓу пионерите во примената на роботската хирургија во ортопедијата.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

ОХРИД – Значаен исчекор во примената на современата медицинска технологија е направен во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.

За првпат во оваа здравствена установа се изведени три роботски асистирани операции за вградување тотална ендопротеза на колено, кај пациенти од регионот.

Интервенциите биле изведени од комбиниран медицински тим од „Св. Еразмо“, предводен од проф. д-р Константинос Макридис од Грција.

Во тимот учествувале ортопедите спец. д-р Огнен Шешоски, спец. д-р Атанас Поп-Стефанија, спец. д-р Александар Стевоски, спец. д-р Стефан Бакаловски и д-р Дамјан Танески, како и анестезиологот спец. д-р Александар Веслиевски, анестезиолошки техничар и инструментарки.

Од болницата посочуваат дека со воведувањето на роботски навигирана ендопротетика на колено, „Св. Еразмо“ се вбројува меѓу пионерите во примената на роботската хирургија во ортопедијата во земјава.

Роботски асистираната артропластика на колено претставува современ пристап во кој роботската технологија му помага на хирургот при планирањето и прецизното изведување на одредени фази од операцијата, особено при позиционирањето на имплантот и воспоставувањето на соодветната оска на коленото.

Важно е да се нагласи дека роботот не го заменува хирургот, туку претставува алатка која овозможува поголема прецизност при интервенцијата.

Директорот на „Св. Еразмо“, спец. д-р Хари Шокароски, посочи дека ова претставува значаен чекор за институцијата и дека со ваквите достигнувања јавното здравство го следи современиот развој на медицинската наука и технологија.

Од болницата изразија благодарност до Министерството за здравство, министерот Сашо Клековски и Владата за поддршката во реализацијата на овој значаен проект.

Со првите три роботски асистирани интервенции, „Св. Еразмо“ отвора ново поглавје во современата ортопедска хирургија и воведува технологија која сè повеќе се применува во развиените здравствени системи.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.