Бадник и Божиќ – празници на светлина, мир и семејна сплотеност
Пред нас се Бадник и Божиќ – најтоплите и најблагословени денови во православната христијанска традиција, денови исполнети со вера, љубов и надеж.
Бадник е денот пред Христовото раѓање – Божиќ. Се слави на 6 јануари и со него завршуваат божиќните пости, а започнува најрадосниот празничен период во годината. Божиќ, кој се празнува на 7 јануари и трае три дена, го симболизира раѓањето на Исус Христос – спасителот на светот.
Овој свет празник се дочекува со зборовите:
„Христос се роди!“ – „Навистина се роди!“
Симболиката на Бадник
Бадник ја претставува ноќта на мирот, тивката радост и семејната сплотеност. Денот е поделен на два дела – од полноќ до пладне е Коледе, а од пладне до полноќ се празнува Бадник.
Македонскиот народ со особено внимание ги негува обичаите поврзани со овој празник, кој започнува со коледарските огнови, песните, орото, греаната ракија, виното и неизбежната погача.
Бадниковото гранче – чувар на домот
Посебно место во празничната традиција зазема бадниковото гранче, кое се внесува во домот на Бадник и се става крај иконата, на вратата или на трпезата. Тоа претставува симбол на светлина, благослов, здравје и заштита на домот.
Според народните верувања, бадниковото гранче го чува домот од несреќа и болести, ја носи Христовата светлина во куќата и го благословува семејството со мир, љубов и бериќет. Затоа, секоја куќа го внесува со голема почит, верувајќи дека со него во домот влегува и Божјиот благослов.
Коледарите – весници на радоста
Во раните утрински часови, најмладите коледари одат од куќа до куќа и со своите песни го најавуваат Христовото раѓање. За нивниот труд добиваат посни дарови – костени, јаболка, бонбони, ореви и симболични пари.
Бадниковата трпеза – благослов за целата година
На Бадник, целото семејство се собира на богата посна трпеза. Се подготвуваат грав, посни сарми, пита со праз или зелка, риба, ореви, бадеми, суви смокви, јаболка, костени, баклава и лепче со паричка.
Домаќинот ја благословува трпезата и го крши лепчето на делови за сите членови, оставајќи парче и „за Бога“ и „за куќата“. Оној што ќе ја најде паричката се смета за најсреќен во новата година.
По вечерата, трпезата не се раскрева – според верувањето, во текот на ноќта дедо Боже ќе дојде да се нахрани и да донесе благослов во домот.
Празник на домот и семејството
Со право народот вели:
„Пред Божиќ, зад Божиќ – дома да си“,
зашто овие празници нè потсетуваат дека најголемата радост е токму во семејството, во тивката топлина на домот и во заедничката вера.
Бадник и Божиќ не се само празници – тие се порака за љубов, простување, надеж и нов почеток.
