Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз.
Амбасадорката Брнз му го честиташе изборот за премиер на Димитар Ковачевски и му посака успех во спроведувањето на програмските цели на новиот владин кабинет меѓу кои соработката со САД, како стратешки партнер на Република Македонија е во врвот на приоритетите на меѓународната политика на земјата.
На средбата меѓу премиерот Ковачевски и амбасадорката Брнз стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Македонија.
На средбата беше истакнато дека за Вашингтон Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнз нагласи дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков и на членовите на неговата Влада за 18 јануари, е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.
Амбасадорката Кејт Мари Брнз потенцираше дека за САД односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Македонија во ЕУ.