Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) извршија увид на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, со вкупна должина од 24,5 километри и вкупна вредност од 62,5 милиони евра, откако со бугарскиот колега Кирил Петков, при неодамнешните средби во Скопје и Софија се обврзаа да ги интензивираат работите за поскора реализација.
„Со колегата Петков многу време посветивме во разговор за важноста од Коридорот 8 и особено на патната инфраструктура, која во голема мера зависи од институциите и изведувачите. Се договоривме заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати Коридорот 8 меѓу врвните приоритети на Европската Унија. На тој начин очекуваме поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура“, рече Ковачевски оценувајќи дека очекува поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура.
Притоа Ковачевски изрази охрабрување за силен интензитет на изградба на овој експресен пат, додавајќи дека и премиерот Петков се обврзал добро да провери што се случува со изградбата на патот од бугарската страна кај преминот Клепало кај Берово.
„Република Северна Македонија има стратешка определба за изградба и модернизација на Коридорот 8, како дел од Пан Европските коридори што ја поврзуваат оската Исток – Запад и со инвестицијата се овозможува голем економски потенцијал и за овој дел од државата“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изразувајќи задоволство од динамиката и реализацијата од над 70 проценти на експресниот пат, каде како што нагласи се дава дополнителен стимул во забрзување на градежните работи.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми споделувајќи пообемни технички информации поврзани со изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка извести дека претходните проблеми се надминати.
„Идниот експресен пат Ранковце – Крива Паланка ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка“, истакна Рустеми, информирајќи дека во тек се градежни активности во зимски услови на втората делница.
Во овој дел од државата се отпочнати значајни проекти меѓу кои рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин, со вкупна должина од 32 километри, и вкупна вредност од 11,9 милиони евра и втората делница, која е веќе во завршна фаза и се очекува во скоро време да заврши.
Во изработка е проектната програма за проектирање на нов експресен пат Романовце – Страцин кој што е планиран да се финансира од ИПА 3 инструментот и со сите овие рехабилитации, санации и изградби во регионот целта е да се добие комплетен Коридор 8, кој како главна артерија ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија.
Извор:Влада