HomeАктуелноКОЛУМНА: Еднакви можности во културата за сите етнички заедници

КОЛУМНА: Еднакви можности во културата за сите етнички заедници

Човекот учи додека е жив, а едукацијата е најмоќното оружје кое би требало да го имаат сите мултиетнички средини и општества во кои што иднината може да се конструира единствено преку градење мостови на толеранција, разбирање, мултикултурализам, почитување на различностите и пружање еднакви шанси за секој човек.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Целта на унапредувањето се носечки иницијативи кои се движат во насока на интеграција на заедниците, луѓе кои се свесни за позитивните апсекти на живеењето во мулитикултурна средина, граѓански организации, медииуми и надлежни институции кои навистина работат на засилување на толеранцијата, препознавањето, разбирањето и важноста на заедничкиот културен дух.

Иако во едно општество луѓето доаѓаат од различни културни заедници, тие остваруваат врски и се поврзани меѓу себе, најчесто преку заедничките институции, како што се училишта, организации, претпријатија, здруженија итн. Преку ваквите форми на поврзаност тие соработуваат, комуницираат и разменуваат ставови и мислења. Сепак, поради припадноста во различните културни, етнички и религиски групи, се случува луѓето различно да размислуваат за одредени работи. Почитувањето на различностите подразбира прифаќање дека луѓето од другите култури може да имаат различни вредности, однесувања, верувања и погледи на некои аспекти од реалноста, без да ги проценуваме како добри или лоши.

Меѓудругото, во нашата земја живеат припадници на различни култури, различни етнички заедници, различна вероисповед, припадници кои што зборуваат различен јазик и сл. Сите тие култури се специфични и се меѓусебно слични, но и различни.

Под култура се подразбира начинот на живот на припадниците на одредено општество или пак на одредени групи во рамките на самото општество. Тоа значи дека кога велиме култура, не мислиме само на музика, уметност, литература и сл, меѓудругото културата го опфаќа и начинот на којшто луѓето во одредено општество комуницираат меѓу себе, начинот на кој се облекуваат, што и како јадат, обичаите поврзани со венчавките или пак со семејното живеење, начинот на извршување на работата, религиозните церемонии, па дури и исполнувањето на слободното време. Елементите на културата можат да бидат верувања, идеи, усни преданија и вредности, но и архитектонски објекти (згради, споменици), симболи, уметнички дела (слики, скулптури) или пак технологија и сл.

Основно за секоја култура се идеите коишто одредуваат што е она што се смета за важно, вредно и пожелно. Овие апстрактни идеи ги претставуваат вредностите кои припадниците на одредена култура ги негуваат и според кои се раководат во нивното однесување и дејствување во општеството во кое живеат. Додека вредностите претставуваат идеи за тоа што е исправно или погрешно, нормите претставуваат правила на однесување што ги рефлектираат или пак втемелуваат културните вредности. Вредностите и нормите, заеднички го оформуваат начинот на којшто членовите на одредена култура се однесуваат во нивното опкружување.

Како што веќе напоменавме, сите култури се разликуваат една од друга, но сепак секоја култура е еднакво значајна. Интересно е да се знае дека едни исти предмети, активности или настани во различна култура може да имаат различно значење. На пример, во одредени култури белата боја е знак на радост и прославување на убави мигови, а во друга култура е знак на тага. Многу често, културните разлики знаат да бидат причина за конфликт и тоа најчесто се случува кога припадниците од една култура многу малку или, пак, воопшто не знаат ништо за другата култура.

Живееме во време кога мешањето на културите е неизбежно. Една од причините којашто придонесува кон ова е сè поголемата образовна мобилност, која подразбира стекнување на образование во рамките на друга земја (според тоа и во друга култура); друга причина е поголемата мобилност на пазарот на трудот (луѓе од една земја работат во друга); потоа визната либерализација којашто дава можност за патување по светот и запознавање на нови култури; и интернетот. Кога се создаваат услови за мешање на културите, неизбежно се отвора простор за комуникација меѓу припадниците на различните култури. На тој начин тие меѓусебно се запознаваат и имаат можност да осознаат дека освен разлики имаат и многу сличности, се среќаваат со исти животни предизвици и имаат слични потреби и интереси.

 

Оваа активност е дел од проектот „Еднакви можности во културата за сите етнички заедници во Струга“ ,спроведен од Youth dream Struga, поддржан од Граѓанскиот механизам за отпорност на ЕУ (CRM) во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Техничка помош за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Македонија“

Автор: Елена Ристеска

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.