На едно четиричлено семејство во Македонија во ноември му се потребни 70.827 денари за покривање на основните месечни трошоци, покажува најновата пресметка на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Во споредба со октомври, кога синдикалната минимална кошничка изнесувала 70.358 денари, трошоците се зголемиле за 469 денари за само еден месец.
Но, за семејствата кои немаат сопствен дом и плаќаат кирија, потребната сума е значително повисока.
СО КИРИЈА – НАД 86 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ
Доколку четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималната кошничка достигнува 86.202 денари месечно.
Во оваа сума се вклучени и трошоците за станарина, вода, електрична енергија и греење, кои изнесуваат 21.754 денари.
НАЈМНОГУ ПАРИ ОДАТ ЗА ХРАНА
Според пресметката, само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни 25.902 денари месечно.
Тоа е околу 36,6 проценти од целата кошничка, односно повеќе од една третина од минималниот семеен буџет.
За режиски трошоци се предвидени 6.379 денари, додека за транспорт се потребни 5.105 денари.
СМЕТКАТА СÈ ПОТЕШКО СЕ ЗАТВОРА
Новото зголемување од 469 денари за само еден месец повторно го отвора прашањето колку реално им останува на семејствата по плаќањето на основните трошоци.
Особено голем товар имаат семејствата кои плаќаат кирија, бидејќи разликата меѓу основната синдикална кошничка и кошничката со трошок за изнајмен стан е 15.375 денари.
Синдикалната кошничка се однесува на пресметка за четиричлено домаќинство – двајца возрасни и две деца на училишна возраст – и претставува показател за минималните средства потребни за основните животни потреби.
