Градскиот парк во Скопје вчера беше исполнет со радост, солидарност и поддршка. На локацијата Школка, 13-годишниот Леон организираше отворен инклузивен роденден на кој присуствуваа бројни граѓани, пријатели и поддржувачи.
По години исполнети со здравствени предизвици и родендени прославувани во тесен семеен круг, Леон оваа година упати покана до сите луѓе со добро срце. Настанот испрати силна порака дека различноста не значи осаменост и дека лицата со аутизам заслужуваат разбирање, прифаќање и поддршка од заедницата.
Со насмевки, балони и позитивна енергија, присутните му приредија незаборавен ден. Леон насмеан ги дувна свеќичките, посака желба и заедно со познати македонски пејачи ја испеа роденденската песна.
Семејството и организаторите им се заблагодарија на сите кои беа дел од прославата, а неговата мајка Амела порача дека зборовите не се доволни за да ја опишат благодарноста и емоциите од овој ден.
