Во магацините на Министерството за внатрешни работи испорачани се вкупно 16 илјади парчиња летни и зимски панталони и здолништа за припадниците на полицијата, со вредност од 31.008.559 денари со вклучен ДДВ, а по претходно распишана јавна набавка на униформи за 2021 година.
Испорачаните парчиња вклучуваат по 6452 машки зимски и летни панталони, по 758 женски зимски и летни панталони и по 790 зимски и летни здолништа. Согласно динамиката на испорака, како што соопштија денеска од МВР, се очекува да пристигнат високи специјални чизми и ремени со кои ќе се комплетираат испораките од спроведените јавни набавки на униформа во 2021 година.
Периодов во магацините на МВР пристигнале и осум илјади парчиња зимски јакни за припадниците на полицијата, за кои распределбата започнала на 11.03.2022.
Ова раководство на МВР зазеде одлучен став за драстично зголемување на инвестициите во униформи за сите припадници на полицијата, за што јасно укажува и вредноста на самите набавки на униформи за време на раководењето на Министерството од страна на министерот Оливер Спасовски, односно за периодот од 01.06.2017 до 18.01.2022 реализирани се инвестиции во униформи во вредност од над половина милијарда денари со вклучен ДДВ или безмалку 10 милиони евра, се наведува во соопштението од МВР.
Сите организациони единици на полицијата добија нови униформи, се посочува, специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи се набавени и за останатите полициски службениц.
Само за шест месеци во претходната 2021 година, од јули до декември, обезбедени се 10.000 кошули со долг ракав и 10.000 кошули со краток ракав за припадниците на полицијата, 2330 парчиња флуоросцентни елеци, 660 комплет униформи за приправници, 30 комплети работни одела за кујни, 34 парчиња воздухопловни јакни, 19 парчиња воздухопловни комбинезони и седум парчиња специјални заштитни комбинезони, како дел од униформа за воздухопловен персонал, по 473 парчиња цивилна облека, обувки, цивилни кошули и цивилни чевли, осум илјади парчиња „поло” маици, 10.000 рала полувисоки чевли.
Од МВР потсетуваат дека меѓудругото, во рамки на планот за материјално-техничко подобрување на условите за работа на полициските службеници, реконструирани се и санирани 71 објект на МВР на територијата на целата држава, трансформирани и на енергетски план, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови термоизолациски фасади, со што директно се овозможува заштеди во буџетот, се намалуваат емисиите на штетни гасови, се придонесува кон заштита на животната средина.
Во моментов, интензивната градежна офанзива е во тек на уште шест објекти, и тоа: ОВР Радовиш, ОВР Делчево, ОВР Берово, Одделот за заштита на личности и објекти во Скопје, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, со тоа што неодамна беше промовиран објектот на Единицата за внатрешни работи Карпош, како 71 реконструиран објект. Исто така, обезбеден е и поголем број донации во возила и опрема за разни полициски организациони единици, а се модернизира и возниот парк.
Го одржувме и континуитетот на исплата на редовна бонус плата, покрај исплатата на трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови во претходната година, наскоро ќе биде исплатена и бонус платата за 2021 година, додека со Буџетот на МВР за 2022 година, обезбедени се и средства за зголемување на платата за 5% на сите вработени во МВР од месец септември 2022 година. Согласно новиот Закон за минимална плата, минималната бруто плата изнесува 26.422 денари. За вработените во МВР, на кои им се исплатува плата по Закон за работни односи е извршено усогласување со минималната плата и почнувајќи од месец март, сите вработени по овој Закон ќе имаат усогласени, односно зголемени плати, стои во соопштението.
Најавуваат дека се продолжува со обезбедување квалитетни услови за работа на полициските службеници, секогаш имајќи го предвид имплементирањето на високите стандарди на материјални-техничката опременост на полициските служби од водечките земји во Европа и светот, а сѐ со крајна цел создавање професионален сервис за граѓаните, оправдувајќи го и нашето мото – опремена полиција – безбедни граѓани.