HomeАктуелноМониторинг открива: Институциите често мешаат службени обврски со кампањски активности

Мониторинг открива: Институциите често мешаат службени обврски со кампањски активности

Прелиминарниот извештај од мониторингот на злоупотребата на административни ресурси за време на Локалните избори 2025 укажува на постоење на различни форми на недозволено или нерегулирано користење државни средства и институционални можности во предизборни цели. Надгледувањето во Општина Охрид го реализираше Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битола, како дел од поширок процес во кој учествуваа 10 граѓански организации со 70 набљудувачи на територијата на 26 општини низ државата.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Мониторингот беше насочен кон тоа да утврди дали државните надлежности, јавните ресурси или институционалната позиција се користат на начин што може да влијае врз рамноправноста на изборната трка. Извештајот покажува дека злоупотреби се регистрирани во повеќе општини, со различен обем и интензитет, без фокусирање на една партија или одреден регион.

Според добиените податоци, влијание врз ризикот од злоупотреба имаат политичките односи, локалната структура на власт и степенот на конкуренција меѓу кандидатите. Во средини каде институциите се тесно поврзани со политичките субјекти, било забележливо поголемо користење на ресурси кое им обезбедува предност на одредени кандидати – од промоција на јавни проекти, до комуникациска поддршка преку официјални профили на функционери.

Најчестите форми на недозволено влијание се поделени во две групи.
Првата група ги опфаќа активностите насочени кон зголемување на видливоста на кандидатите преку државни платформи. Во ова се вбројуваат промоции на инфраструктурни проекти, појавување државни функционери на партиски настани и користење официјални канали за испраќање пораки кои имаат изборен карактер. Овие практики ја замаглуваат границата меѓу службено постапување и политичка кампања, создавајќи впечаток дека поддршката на „владејачките“ кандидати носи директни придобивки.

Втората група опфаќа активности кои им олеснуваат на кандидатите да ја спроведуваат кампањата, пред сè преку користење јавни објекти и во помала мера службени возила, најчесто врз основа на неформални договори. Ова создава нееднаква стартна позиција меѓу учесниците, особено за независните кандидати и партиите со ограничени ресурси.

Правната рамка, според извештајот, не секогаш дава доволно јасни насоки. Дел од практиките се во директен судир со законските одредби – како нерегуларното користење јавни објекти или започнување проекти надвор од дозволениот период. Други активности, пак, се движат во зона на недоречености, што создава простор и за реална злоупотреба и за субјективна перцепција кај граѓаните.

Извештајот ја нагласува потребата од појасна законска дефиниција на границата меѓу државните и партиските активности, како и поголема институционална одговорност со цел да се обезбеди фер и еднаква изборна трка, во согласност со меѓународните демократски стандарди.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.