Министерството за образование и наука и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ќе продолжат да работат во насока на обезбедување на услови за вклучување на што поголем број на корисници, млади луѓе и наставен кадар од државата во реализацијата на меѓународни проекти од областа на образованието, обуката, младите и спортот, велат од МОН.
Од таму додаваат дека учениците и наставниците од Северна Македонија имаат одлични можности за мобилност и вмрежување со врсниците, односно колегите од другите земји во Европа преку Еразмус+ програмата на Европската Унија. Според нив тоа е добар начин за размена на искуства, согледување на позитивни практики и нивна примена во нашата земја.
На ова тема денескa дискутираа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓеоргиевски, на која и двајцата изразија задоволство од досегашната меѓуинституционална соработка и според нив таа ќе продолжи да се надградува, а во интерес на создавање што повеќе и поквалитетни образовни можности за граѓаните во Северна Македонија.
Oчекувањата се дека буџетот кој државата го добива од Европската унија за реализација на активности во рамки на Еразмус+ програмата ќе продолжи да се зголемува од година во година, а во меѓувреме институциите ќе ја интензивираат промоцијата на придобивките од учеството во оваа програма меѓу младите и наставниот кадар, истакнаа соговорниците.