Во насока на транспарентно и отчетно работење, Секретарот на општина Охрид, Александар Китески на денешната средба со новинарите информира дека дел од директорите во охридските училишта именувани од претходната локална власт иако имаат сериозни претставки во своето работење не сакаат да ги напуштат раководните позиции.
Градоначалникот Кирил Пецаков, ниту замислува партизација на образовните институции ниту тоа му е предизвик. Но, од друга страна не можеме да дозволиме овие значајни институции да ги предводат луѓе за кои имаме сериозни индиции дека во определени случаи сериозно го прекршиле законот. Според начинот на досегашната работа и информациите кои ги поседуваме определени директори добро си ја вршеле својата работа и ќе добијат доверба да ги продолжат своите мандати, некои во рамки на политичката етика веднаш искажаа подготвеност да се повлечат од своите позиции се со цел да овозможат Градоначалникот да го оформи својот тим, а некои пак за жал под силен политички диктат одлучија да се борат неосновано за задржување на своите функции. Целта на оваа прес конференција е да обелодениме дел од состојбите кои се детектирани во овој период – рече секретарот Китески и детално образложи за неправилностите во работењето на директорите од трите основни училишта: „Св. Климент Охридски“, „Христо Узунов“ и „Григор Прличев“.
– Во трите основни училишта одговорните лица, односно директорите постапувале несовесно, негрижливо и небрежно при вршењето на службената положба при што нанеле штета на училиштата. Тие презеле дејствија спротивно на Законот за основно образование, согласно член 109, а директорот е одговорен за законитоста и материјално – финансиското работење на училиштето. Во Општинското Основно Училиште „Св. Климент Охридски“ Охрид, лице кое било суспендирано од работа, повело судска постапка за надомест на неисплатени плати, со кое му е досуден износ од 604,786.оо денари, кое побарување со вклучени судски и извршни трошоци достигнува до 1 милион денари. За истото доставило барање за исплата на кое директорот одговорил со барање до Министерството за образование и наука како не би дошло до блокирање на сметката. На таквиот поднесок МОН одговорило дека согласно член 109 од Законот за основно образование, директорот е одговорен за законитоста во работата и материјално – финансиско работење на училиштето. Следно, директорот распоредил работник на друго работно место без оглас, без согласност од надлежните институции и без да го извести Градоначалникот на Општина Охрид, како и училишниот одбор да го извести основачот. Станува збор за преместување на работник од работното место „Наставник по англиски јазик“ на работното место „Библиотекар“. Уште еднаш нагласувам директорката тоа го направила без решение за прераспределување, без согласност од Општина Охрид, Министерството за образование и наука и Министерството за финансии. Работникот на работното место на кое бил прераспределен воопшто не доаѓал на работа повеќе од шест месеци. Со овие против законски дејствија одговорната постапила спротивно на член 82 став 1 од Законот за работни односи согласно кој е предвидено дека „Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок ако работникот неоправдано изостане три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година. Со овие против законски дејствија директорот го оштетил ООУ „Св. Климент Охридски“ Охрид со повеќекратен износ кој надминува 250,000.оо денари. Наредно, одговорната во изминатиот период, обезбедила транспорт на деца кои се ученици во ООУ „Св. Климент Охридски“ , спротивно на Законот за основно образование и правилникот за превоз на ученици. Согласно истите, превозот на ученици се врши со општинскиот линиски превоз или доколку нема воспоставен линиски превоз се врши со објавување на тендер. Во конкретниот случај ни едното нити другото е направено. Исто така, ООУ „Св. Климент Охридски“ склучил договор за ангажирање на 2-ца чувари со Агенцијата за привремени вработувања, за кои вредноста на договорот била исцрпена на 30.06.2021 година, а Директорот не ја известила Агенцијата дека договорот е исцрпен и дозволила двајцата чувари да бидат ангажирани и во месец Јули 2021 година, а притоа немала можност да изврши исплата на средства спрема агенцијата, поради што претстои опасност од поведување на судска постапка за надомест на плата за месец Јули, зголемена со судските трошоци и камати. Одговорното лице во ООУ „Христо Узунов“ издава под закуп простор во склоп на училиштето, без притоа да биде спроведена постапка по објавен оглас и притоа не е известен основачот или Градоначалникот за таквите постапки. Директорката именувала заменик директор кој не ги исполнува условите од Законот за основно образование, поточно именувала лице кое нема соодветно високо образование, со што му овозможила против правно да се стекне со приход и привилегии и со тоа е оштетен буџетот на училиштето. Исти случај како и во ООУ „Св. Климент Охридски“ има и во ООУ „Христо Узунов“ каде е склучен договор за ангажирање на 2-ца чувари со Агенцијата за привремени вработувања, за кои вредноста на договорот била исцрпена на 30.06.2021 година, а Директорката на ООУ „Христо Узунов“ не ја известила Агенцијата дека договорот е исцрпен и дозволила двајцата чувари да бидат ангажирани и во месец Јули 2021 година, а притоа немала можност да изврши исплата на средства спрема агенцијата, поради што претстои опасност од поведување на судска постапка за надомест на плата за месец Јули, зголемена со судските трошоци и камати. Директорката на ООУ „Григор Прличев“ има склучено договори за поставување на два времени објекти – трафики без претходно спроведена транспарентна постапка со објавен јавен оглас, а без договор овозможила врз земјиште на кое право на користење има школото да се стопанисува со спортска сала балон. Наредно директорот ангажирал лице за вршење на сметководствени услуги без распишан оглас и без согласност од Општината, Министерството за образование и наука и Министерството за финансии. Воопшто не е познато согласно каков договор (ако воопшто постои) работи истиот и нејасно е кој дозволил таков вид на услуги и дали истите се предвидени со буџетот. Според последните информации донесена е одлука за избор на сметководител во месец декември 2021, без обезбедени финансиски средства за учебната година 2021/22, туку врз основа на обезбедени финансиски средства од претходната учебна година за вработување на определено време, кога вработувањето не било реализирано.Директорката на ООУ „Григор Прличев“ склучила договор за ангажирање на 3-ца чувари со Агенцијата за привремени вработувања, за кои вредноста на договорот била исцрпена на 30.06.2021 година, и притоа не ја известила Агенцијата дека договорот е исцрпен и дозволила тројцата чувари да бидат ангажирани и во месец Јули 2021 година, а немала можност да изврши исплата на средства спрема агенцијата, поради што претстои опасност од поведување на судска постапка за надомест на плата за месец Јули, зголемена со судските трошоци и камати – истакна секретарот Китески и посочи дека За сите претходно наведени неправилности, до денес, Училишните одбори не побарале објаснување од страна на одговорните лица од погоре наведените основни училишта и со тоа ги занемариле своите одговорности и не презеле дејствија согласно Законот за основно образование.
– За овие наводи веднаш е известен Државниот просветен инспекторат и очекуваме деновиве да излезе на терен и да ги констатира ваквите состојби. Одговорност мора да има! Уште денес ги очекуваме оставките на споменатите директори од морални причини! Не може да дозволиме вака да се водат образовните институции. Постапката ќе продолжи, а во оние случаи за кои постои основани сомневања за несовесно работење и злоупотреби од страна на одговорните лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави – подвлече секретарот Китески и упати апел до Училишните одбори во периодот кој следува да бидат внимателни и да не подлегнуваат на притисоците кои секојдневно им се вршат .
– За нас ништо не значи обидот на директорите на училиштата за брзоплета промена на членовите на училишните одбори под партиски диктат се со цел да ја задржат својата позиција. За наводите кои ги имаме ќе ги известиме и нив и ќе побараме и тие да ја преземат својата законска обврска- подвлече Китески потенцирајќи дека доколку Училишните одбори одлучат да се водат од други мотиви освен од законски дозволените за нив ќе биде поведена постапка за разрешување пред Советот на општина Охрид.
Извор: Општина Охрид.