HomeАктуелноНовогодишно обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Новогодишно обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Почитувани граѓани,

На прагот сме на Новата 2022 година. Време на рекапитулари и резолуции, на сеќавања и надежи, на остварени желби и нови поставени цели. Зад нас е уште една турбулентна година, првенствено предизвикана од продолженото дејство на коронавирусот кој, за жал, сѐ уште не го прогласи својот завршеток. Притоа, ова беше и година кога го положивме демократскиот испит за зрелоста со успешно организираните Локални избори 2021, поставувајќи ја нашата држава на едно ново, повисоко ниво. И политичката сцена имаше своја посебна динамика, која навестува преобразби во годината што следи, како на национален, така и на меѓународен план, очекувања за зајакнати дијалози и желби за посилно темпо на реформи.

Од аспект на Министерството за внатрешни работи, имавме генерално стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година, со тенденција на намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година и вкупна ефикасност од околу 61%; со биланс од седум сузбиени организирани криминални групи, со пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, со одлични резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, а тука би ја додал и заплената на 1.555.600 таблети псеудоефедрин во вкупна количина од 1 тон и 15 килограми, од кој употребен како прекурсор би се произвеле околу 700 килограми синтетичка дрога, метамфетамин, кој на црниот европски пазар за споменатата количина може да достигне вредност од 10 милиони евра. Бележиме зголемување за 23,4 % и на откриените кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје и повеќекратно зголемување на заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства; со зголемување на откривачката дејност за 58,3% во делот на корупцијата за разлика од претходната година; со тенденција на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи.

Притоа, можам со задоволство да констатирам дека ги продолживме реформските процеси и имаме навистина успешна реализација на целите, задачите и обврските, при што заеднички одново покажавме дека знаеме, можеме и умееме да испорачаме врвни резултати во полза на граѓаните, на државата, континуирано зајакнувајќи го концептот полицијата како вистински сервис на граѓаните. Mатеријално – техничкото унапредување го одбележаа повеќе комплети униформи за специјалните единици, униформи и чевли за униформираната полиција, Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Покрај ова, ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, а инвестиравме во 69 сега веќе целосно реконструирани објекти на министерството, во кои се имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, поголеми заштеди и заштита на животната средина.

Притоа, Новата година ќе ја започнеме со 70-иот реконструиран објект и уште неколку во фаза на реализација, како што е Центарот за обука Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ и изградбата на Полициската станица Аеродром. Во 2022 година ќе биде готов и новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, со што ќе ја исполниме целта да прерасне во Национален форензички центар, а летало на нашиот Оддел за воздухопловни единици на МВР ќе го опремиме со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.

Годината што е пред нас ќе ја продолжиме со зголемени плати за 5% на полицијата и обезбедени средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година. И така сѐ до целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики. Бидејќи само така можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на министерството, а во интерес на сите граѓани на нашата држава.

За претстојните празници ми останува да потсетам да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските. Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера.

На крај, дозволете ми на сите наши граѓани им посакам среќна и бериќетна Нова година, исполнета со здравје, љубов, лични и професионални успеси и мигови вредни за паметење! – стои во обраќањето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.