Трговците ги испразнија рафтовите, а не граѓаните. Тоа ја предизвика паниката деновиве.
Министерот за економија вели дека продавачите ги повлекле производите кои до вчера беа замрзнати. Најавува дека пазарните инспектори ќе ги засилат контролите во маркетите за да се види кој го манипулирал пазарот. Најавува и ригорозни казни.
Денеска истече мерката со која цените на основните прехранбени производи беа замрзнати, а стапи на сила одлуката за ограничување на маржите. Таа доследно ќе се применува и нема да има ценовни шокови на пазарот, вели Бектеши.
Стоковите резерви се полни, но пазарот е добро обезбеден, залихи има и нема потреба да се интервенира преку нив, вели Бектеши. Истото го потвруваат и увозниците. Велат нема потреба од паника.
5% трговска маржа за големите и 10% за малите трговци важи за истите производи кои до вчера беа замрзнати: лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.