HomeАктуелноПецаков и Ѓоргоска за инвестициите во „Христо Узунов“: Над 12,5 милиони денари вложени во училиштето

Пецаков и Ѓоргоска за инвестициите во „Христо Узунов“: Над 12,5 милиони денари вложени во училиштето

Во ООУ „Христо Узунов“ во Охрид во изминатиот период се реализирани низа значајни инвестиции со кои значително се подобрени условите за учениците и наставниот кадар.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

При денешниот увид во реализираните проекти, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека од 2023 година до денес во училиштето се вложени вкупно 12,5 милиони денари, од кои повеќе од 7,2 милиони денари само во текот на 2026 година.

Во училиштето се реконструирани повеќе училници, обновен е подот во холот, уреден е кабинетот по информатика, поставени се интерактивни табли и нови внатрешни врати, а целосно се реконструирани и потпорните ѕидови.

Посебно внимание е посветено и на подобрувањето на условите за учениците со попречености преку уредување и доопремување на сензорната соба.

Директорката на ООУ „Христо Узунов“, Марина Ѓоргоска, истакна дека со поддршка од локалната самоуправа и градоначалникот, во училиштето оваа година се реализирани голем број капитални инвестиции.

„Денеска со големо задоволство можам да кажам дека ОУ „Христо Узунов“ има многу подобри услови за работа на учениците и наставниците. Со голема поддршка од локалната самоуправа, градоначалникот и Секторот за образование, во нашето училиште се направија голем број капитални инвестиции, како оваа година, така и во претходните четири години“, истакна Ѓоргоска.

Таа посочи дека најголем дел од капиталните зафати биле реализирани во текот на летниот период, од 10 јуни до 1 септември, при што сите активности биле завршени навреме пред почетокот на новата учебна година.

„Целосно беа реновирани потпорните ѕидови, односно надворешните огради, кои беа цементирани и бојадисани. Се променија сите внатрешни врати на кабинетите и училниците, кои беа голем проблем. Исто така, беа заменети 950 квадратни метри плочки на горниот кат, кој беше целосно оштетен и по 50 години беше неопходно да се обнови. Промените беа направени и во спортската сала и во кујната на училиштето“, додаде директорката.

По 25 години, училиштето е целосно варосано, а значително е подобрена и неговата дигитална опременост. Минатата учебна година биле обезбедени 15 интерактивни табли, а годинава уште седум, со што, како што посочи Ѓоргоска, училиштето денес е целосно опремено со интерактивни табли.

„Повеќе ги немаме старите зелени табли. За 1,6 милиони денари се променија и парните котли на училиштето, со што се подобри системот за греење. Се реновираа две училници, од кои едната целосно се изгради како нова училница со компјутери. Во крајна фаза сме и со доопремувањето на училницата за дечињата со посебни потреби“, рече Ѓоргоска.

Од Општина Охрид посочуваат дека инвестициите во основните училишта продолжуваат, со цел создавање современи, безбедни и функционални услови за учење и работа.

Пецаков истакна дека вложувањето во образовната инфраструктура е директно вложување во младите и во иднината на Охрид.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.