Свечено почна со работа долгоочекуваниот трговски центар „Охрид Мол“ кој се очекува да прерасне во нова современа дестинација во Охрид и регионот.
Со површина од над 17.000 м2 „Охрид Мол“ претставува совршена комбинација на мода, забава и нов културен и економски импулс. Со внимателно одбрани содржини усогласени со потребите на потрошувачите, новиот трговски центар во Охрид ќе го редефинира концептот на пазарување.

Инвеститорот и сопственик на „Охрид Мол“, Влатко Богоевски, упати благодарност до клучните фактори за реализација на проектот, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, брендовите кои се дел од трговскиот центар, директорката на трговскиот центар Марија Филева, како и тимот на Халк банка за укажаната доверба.

„Охрид Мол“ е првиот современ трговски центар во нашиот град, новиот симбол на урбаното живеење во Охрид и нова содржина која ја збогатува понудата за охриѓани и за туристите.„Охрид Мол“ не е само збир на продавници и брендови, тој ќе биде нова енергија во пулсот на градот, нова точка за забава, место каде што секој чекор ќе значи можност за работа, купување, за дружење, за инспирација. Овој простор ќе значи спој меѓу традицијата и модерното живеење и е еден важен доказ дека Охрид може ја чува својата историја, но и храбро да чекори напред кон иднината. Ваквите економски проекти го менуваат секојдневието, го збогатуваат животот на една средина и оставаат трајна вредност за генерациите што доаѓаат. Посакувам „Охрид Мол“ да биде жив, динамичен, полн со насмевки и нови почетоци. Нека биде место каде што ќе се вкрстуваат патиштата, идеите и искуствата.Со надеж дека ова е само почеток на ново поглавје во економската иднина на Охрид – посакувам многу успех, раст и одлични резултати! – стои во објавата на градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.
