МНР во координација со надлежните институции да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите во Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
Ваква одлука донесе Владата на седница каде се разговарало и за безбедносната ситуација во и околу Украина.
Претседателот на државата засега не планира седница на Советот за безбедност, но од неговиот кабинет велат дека сме во континуитет активни во рамките на НАТО Алијансата.
Прогласувањето за независни на областите Доњецк и Лугањск од страна на Москва предизвика низа осуди и во Македонија.
Претседателот Пендаровски вели дека поредокот базиран на меѓународното право е основа во меѓународните односи, чии принципи мора да се почитуваат.
Грубото кршење на меѓународното право е закана за цивилизацијата. Изразувам цврста поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, напиша Пендаровски на Твитер.
И власта и опозицијата се на иста линија во спорот меѓу Москва и Киев. Осуда на признавањето на самоначетените „Народни Републики“ испрати премиерот Ковачевски.
-Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015, вели тој.
Речиси со иста порака излезе и шефот на македонската дипломатија.
Ваквите дела претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Македонија ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вели Османи.
И поранешниот министер за надворешни, Антонио Милошоски вели дека Македонија безрезервно го поддржува територијалниот интегритет на Украина како членка на Обединетите нации.
Наместо ескалација на конфликтот неопходни се дипломатски напори за преговори врз основа на обврските од Договорот од Минск, порача Милошоски.
Експертите велат дека доколку Русија се одлучи на целосна инвазија на Украина, ќе добие, но и ќе загуби многу. Поранешниот заменик – министер за одбрана, Ризван Сулејмани вели дека Европа по руско-украинскиот спор би можела да излезе обединета, со оглед на тоа што последното обединување на стариот континент се случи токму по Втората светска војна. Вели дека безбедносните служби веќе ја следат ситуацијата.