Секоја година на 10 септември се одбележува Светскиот ден за превенција од самоубиства што има за цел да ја зголеми свеста дека самоубиството може да се спречи.
„Создавање надеж преку акција“ е тригодишна тема за Светскиот ден на превенција од самоубиства од 2021 до 2023 година, како потсетник дека надежта постои и има за цел, како што велат од Светската здравствена организација (СЗО) „да инспирира добрина и светлина“.
– Со создавање надеж преку акција, можеме да им сигнализираме на луѓето кои имаат самоубиствени мисли дека има надеж и дека се грижиме и сакаме да ги поддржиме. Исто така, сугерира дека нашите постапки, без разлика колку се големи или мали, може да им дадат надеж на оние што се борат. И на крај, ја нагласува важноста од поставување на превенцијата од самоубиства како приоритетна агенда за јавно здравје од страна на земјите, особено каде што пристапот до услуги за ментално здравје и достапноста на интервенции засновани на докази се веќе ниски.
Надоврзувајќи се на оваа тема и ширење на оваа порака во текот на трите години, може да се замисли свет каде самоубиствата не се толку распространети, велат од СЗО.
