Нови униформи и реновирани полициски станици, но и запленети големи количества дрога и помалку жртви во сообраќајки во 2021 година.

Нови униформи, намалување на инкриминациите, зголемување на откриена корупција, целосно реконструирани 69 полициски објекти, спречување на недозволената трговија со дрога во кои активности се пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, во вкупен износ од околу 1.600 килограми дрога се дел од спроведените активности на Министерството за внатрешни работи за кои денеска информираше министерот Оливер Спасовски на предновогодишната средба со новинарите.

Тој, безбедносната состојба во текот на целата 2021 година на подрачјето на државава ја оцени како стабилна и без регистрирани сериозни безбедносни настани. Спасовски нагласи дека во периодот јануари-ноември 2021година, од регистрирани околу 20 илјади кривични дела, реализирани се околу 12.500 дела за кои кривично се пријавени 15 илјади сторители, со што е постигната вкупна ефикасност од околу 62 процент.

Според министерот, полицијата во годинава која изминува бележи успеси и во областа на спречување на недозволената трговија со оружје, односно откриените кривични дела бележат зголемување за 23,4 отсто, а заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства се зголемени повеќекратно.

Како резултат на засилените полициски контроли, вели дека тенденција на намалување има и бројот на жртвите во сообраќајните несреќи, а според редовните контроли на МВР од почетокот на годинава до средината на овој месец на територија на Република Македонија вкупно на технички преглед се упатени 2.354 автобуси, при што 404 од нив се санкционирани поради технички неисправности, како што се кочници, уреди за управување или дополнителна опрема.

Спасовски информираше дека забележано е намалување на илегалните преминувања во нашата држава од страна на мигрантите за 36,5 проценти, додека пак нагорен тренд забележан е на грчко-турската граница. Како резултат на ова, бројот на поднесени нови барања за азил е намален дури за 70 отсто.

Покрај покачувањето од 5 проценти на платата за полицајците, во 2022 година, министерот рече дека се обезбедени средства за бонус плата за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година. Тој најави и дека наредната година ќе продолжат со градежни активности, односно реконструкција на објекти и целосна изградба на полициски станици, како и набавка на лабораториска опрема за новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, кој ќе биде готов во 2022 година. Следната година, според Спасовски, еден од хеликоптерите на МВР, меѓу другото, ќе биде опремен и за гасење пожари.