Откако лани се вратија на власт во Авганистан, талибанците од своите редови протерале 3.000 членови затоа што биле обвинети за незаконско однесување, што е дел од обемниот „процес на филтрирање”, пренесоа француските медиуми.
Талибанците во август го зазедоа Кабул, по 20-годишен бунт против авганистанската Влада, што беше поддржана од САД.
Новите талибански власти ветија помалку строг режим од нивниот што владееше меѓу 1996 и 2001 година, а исламистичкото движење формираше комисија за да ги идентификува членовите кои ги прекршиле неговите правила.
-Досега околу 2.840 членови во 14 од 34 провинции во земјата се исфрлени од нашите редови, а процесот ќе продолжи и во другите провинции, рече Латифула Хакими, шеф на комисијата во Министерството за одбрана.
„Тие се обвинети за корупција, трговија со дрога и мешање во приватниот живот на луѓето. Некои имале врски со групата Исламска држава”, додаде Хакими.
Откако Талибанците се вратија на власт, правата на жените се драстично намалени. Жените државни службеници не можеа да се вратат на работа, а во многу средни училишта веќе не се запишуваат девојчиња. На жените, исто така, им е забрането да патуваат на долги растојанија без да бидат придружувани од машки роднина.