Вевчани е село сместено во југозападниот дел на Македонија, во подножјето на планината Јабланица, на околу три километри од Струга и неколку километри од Охрид. Ова живописно место важи за едно од најубавите и најпосетуваните села во земјава, познато по својата уникатна природа, богата култура и длабоко вкоренети традиции.
Со традиционалното дефиле под маски, денеска напладне започнува официјалниот дел од Вевчанскиот карневал – еден од најпознатите и најавтентични културни настани во Македонија. Маскираните вевчанци, преку сатира и хумор, ги прикажуваат случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот, како во земјата, така и во светот, зачувувајќи традиција стара речиси 15 векови.
Се верува дека преку маските василичарите го истеруваат злото и прочистени ја пречекуваат Новата година според Јулијанскиот календар, испраќајќи силна порака за промени и подобрување на општеството. Како и секоја година, вевчанци – познати по својата љубезност и гостопримливост – верни на обичаите, до самиот почеток на дефилето не откриваат во што ќе бидат маскирани.
Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено без сценарио и режија, во организација на двете василичарски друштва од Горна и Долна маала. Во поворката предничат зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи, по кои следуваат бројни маски, секоја со своја приказна што го привлекува вниманието на присутните.
Дефилето започнува околу пладне, од почетокот на селото, движејќи се по главната улица до центарот, каде се игра традиционалното Василичарско оро. Потоа маскираните ги посетуваат домовите на вевчанци, носејќи благослов за здравје и бериќет во Новата година, а домаќините ги даруваат со леб, луканци, пари и други дарови.
Во вечерните часови, придружувани од жителите на селото, учесниците се упатуваат кон Вевчанските извори, од каде носат вода за подготовка на кашаник (зелник) во кој се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе се падне паричката ќе има среќа и бериќет во текот на целата година.
Вевчанскиот карневал симболизира два паралелни света – паганскиот и христијанскиот, а со манифестацијата се одбележува празникот Свети Василиј Велики и доаѓањето на Новата година по стариот календар. Карневалот има длабоки корени во локалните обичаи и е поврзан со ритуали за истерување на злите духови и привлекување на добри поличби за претстојната година.
Особено препознатлив белег на карневалот се маските, кои често претставуваат митски суштества, животни или ликови од народната традиција. Настанот е познат и по својата силна социјална и политичка сатира, преку која учесниците ги коментираат актуелните општествени појави.
Вевчанскиот карневал е признат како дел од нематеријалното културно наследство на човештвото од страна на УНЕСКО и секоја година привлекува илјадници туристи од целиот свет, кои доаѓаат да ја почувствуваат уникатната атмосфера и да станат дел од оваа неповторлива традиција.
Низ овие слики можете да ја доживеете денешната атмосфера на Вевчанскиот карневал, овековечена низ фотографиите на Бобан Стојаноски.
Текст: Powerinfo.mk
Фото: Бобан Стојаноски
















































