СОНК почнува со штрајк, соодветно решение до овој момент не се пронајде.
Штрајкот ќе се одвива во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки, во основните и средните училишта, како и во ученички и студентски домови и високообразовни институции кои по пат на солидарност ќе се приклучат на штрајкот. Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место и ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни, најавија од СОНК.
Тој нагласи дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно – образовна и згрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорноста за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, како што кажа, ќе имаат директорите.
Немаме никаква одговорноста ако децата дојдат на училиште или во градинка врз основа на згрижување, воспитание, образование и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. За таа намена можат да се употребат вработени кои евентуално нема да штрајкуваат по разни основи, појасни Неделков.
Вчера премиерот ги повика наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.
Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат. По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот. Правото на штрајк е загарантирано право и јас целосно го почитувам. Но социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик.
Оваа Влада докажа дека има слух за барањата и не бега од решенија. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите, па така платите на наставниците кумулативно се покачени за 21% во последните четири години. Но, Владата мора одговорно да го менаџира буџетот и да се грижи за економијата. Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата, а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени.Затоа, апелирам да не запира процесот на образование и да се продолжи со дијалогот за да се изнајде прифатливо решение. Во време на огромна економска криза апелирам на разум и поддршка за заедничко надминување на проблемите. Законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни. – напиша на фб Димитар Ковачевски.
Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно – образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, прецизираа од МОН.
