HomeАктуелноЧетири лица обвинети за насипување земја и за загадување на Охридското Езеро

Четири лица обвинети за насипување земја и за загадување на Охридското Езеро

Основното јавно обвинителство – Струга поднесе Обвинителен акт против четири лица за узурпација на недвижност и загадување на животната средина и природата.

Првообвинетиот како што соопшти Основното јавно обвинителство, се товари за сторени кривични дела „узурпација на недвижност“ и „загадување на животната средина и природата“, а останатите тројца се обвинети за „загадување на животната средина и природата“.

Според соопштението, првообвинетиот, на 3 март минатата година, зазел туѓа недвижност, која со член 16 од Законот за сопственост и други стварни права е прогласена за добро во општа употреба, а со членовите 1 и 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е прогласена за природна реткост како споменик на природата.

Тој ги ангажирал тројцата обвинети да извршат насипување со земја и рамнење на површина од 829 метри квадратни, на парцела, која е дел од Охридското Езеро и се наоѓа во непосредна близина на угостителски објект и на парцела во негова сопственост. Тројцата работници биле несвесни за можноста за настапување на штетната последица, но според своите лични својства биле должни и требало да бидат свесни за таа можност, бидејќи работеле како работници на работни машини во непосредна близина на водите на езерото, стои во информацијата.

На тој начин, како што е наведено, сите четворица обвинети можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, опасност за животот и здравјето на луѓето или уништување на растителен и животински свет од поголеми размери.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.