Тројца се уапсени, а против шест физички и три правни лица е поднесена кривична пријава во големата полициска акција за финансиски криминал што синоќа и во текот на ноќта се спроведуваше на повеќе локации во Скопје. Според МВР, групата се сомничи дека преку лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила проневерила 138,8 милиони денари, односно повеќе од 2,25 милиони евра.
Акцијата ја спровел Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со ОСПО-ЕБР, под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. При претресите биле уапсени С.С., Ш.С. и З.Ѓ., а полицијата пронашла и одзела околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе мобилни телефони и две возила.
Кривичната пријава опфаќа шест лица и три компании за сомнение за „проневера во службата“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, првоосомничениот С.С., сопственик на фирма од Кучевиште која од 2011 година имала овластување за вршење технички преглед на возила, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатените надоместоци при регистрација на возила.
Извештаите биле доставувани до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, Министерството за животна средина и општините. Според истрагата, на овој начин биле прикривани дел од наплатените средства, а С.С. се сомничи дека се стекнал со противправна имотна корист од 138.877.419 денари.
Во изготвувањето на извештаите, според МВР, му помагал Д.М., раководител на станицата за технички преглед, кој бил овластен да изготвува и потпишува фактури и да ги доставува извештаите до надлежните институции.
Истрагата покажала дека парите се прикривале преку осигурително брокерско друштво, на чии сметки биле наплаќани и надоместоците за регистрација, иако на сметката на брокерското друштво требало да се наплаќа само полисата за осигурување.
Ш.С. и З.Ѓ., како извршни членови на Одборот на директори на брокерското друштво, според сомневањата на истрагата знаеле дека дел од приходите не потекнуваат од осигурување. Заедно со С.С., кој бил неизвршен член на Одборот, парите потоа биле префрлани меѓу сметки на правните лица и мешани со приходите од редовното работење, најчесто преку позајмици. Дел од средствата, според МВР, биле користени и за купување недвижен имот во корист на правното лице.
Меѓу осомничените е и Т.М., помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта. Таа се сомничи дека не го вршела потребниот надзор над уплатените надоместоци и доставените извештаи и со тоа овозможила противправна корист од над 48,4 милиони денари само по основ на патна такса.
Кривична пријава е поднесена и против М.Д., овластен сметководител, кој според истрагата во сметководствената документација внесувал невистинити податоци и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на фирмата.
Според пресметките на МВР, вкупната штета изнесува 138.877.419 денари или околу 2,26 милиони евра. Од нив, 48,4 милиони денари се на штета на ЈП за државни патишта, околу 1,5 милиони на Црвениот крст, 5,6 милиони на Министерството за животна средина, а најголемиот дел – над 83,3 милиони денари – се однесува на Буџетот и комуналните такси за општините.
За случајот сега треба да постапува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
