Пожарот на депонијата во селото Буково сè уште претставува сериозен предизвик за Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид, која и денеска интервенира на терен.
Според информациите што ги соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамет Али, пожарот на депонијата не може целосно да биде ставен под контрола само со противпожарните екипи, поради што е побарана дополнителна помош од Јавното комунално претпријатие Охрид.
За утре е договорено ЈКП Охрид да обезбеди градежна механизација и дотур на поголеми количини земја, со цел пожарот да се локализира преку затрупување на жариштата и да се спречи негово понатамошно ширење.
Во меѓувреме, од ЦУК информираат дека информациите за пожар во Кичево не се однесуваат на депонија. Станува збор за пожар на стрниште, каде што, според првичните информации, биле запалени гранки. Пожарот е навремено локализиран и изгаснат, без опасност од понатамошно ширење.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на депонијата во Буково, а јавноста ќе биде дополнително информирана за развојот на настаните и за ефектите од утрешната интервенција со тешка механизација.
