Денес низ целиот свет се одбележува Денот на лицата со Даунов синдром, светски ден за покренување на свеста за овој синдром, официјално одбележан од ОН во 2012 година, додека за прв пат бил одбележан во 2006 година.
21 март е симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

Дауновиот синдром е хромозомопатија која се јавува на 21 хромозом и кај лицата со оваа болест наместо два има три хромозоми. Од Центарот за Даунов синдром се вклучуваат во светската мапа на голема кампања по повод Светскиот ден на дауновиот синдром, која во сите земји е различна, но последниве години заеднички чинител е носењето шарени чорапи.
Овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби. Но, како што велат многу здруженија, невладини организации, сојузи за лицата со хендикеп – не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општество. Овие лица најмногу бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството.
Лицата со Даунов синдром ги имаат истите потреби како и сите други – да бидат рамноправни учесници во заедницата.
Подготвил: Е.Р
