Вистинска драма се одвивала денес пред објектот на ЈП „Еко Струга“, каде директорот Абдулaди Шазиманоски бил мета на сериозни закани по живот од страна на татко на вработена.
Според изјавата на директорот за powerinfo.mk, инцидентот следува откако пред неколку дена една од вработените се обидела да му подметне документи за потпис со стари и сомнителни архивски датуми. Шазиманоски одбил да ги потпише и ја предупредил дека станува збор за можно кривично дело, најавувајќи дека случајот ќе го пријави во надлежните институции.
Тензиите кулминирале денес, кога таткото на вработената се појавил пред претпријатието и, во присуство на други вработени, започнал со навреди и пцовки кон директорот. Ситуацијата ескалирала кога тој упатил и директни закани по живот.
И покрај обидите на Шазиманоски да ја смири ситуацијата и да разговараат мирно, лицето продолжило со агресивното однесување, заминувајќи со заканувачки зборови: „Лошо ќе биде за тебе, не знаеш кој сум јас, ќе те затворам и тебе!“
По инцидентот, случајот веднаш бил пријавен во полиција, која излегла на терен и започнала со собирање изјави од присутните сведоци.
Се очекува институциите да постапат и да ги утврдат сите околности околу овој сериозен инцидент.
