Лекарите предупредуваат: Овие грешки на жештините можат да бидат опасни по живот
Со доаѓањето на летните горештини, здравствените експерти предупредуваат дека високите температури можат сериозно да го загрозат здравјето, особено кај децата, постарите лица и хронично болните.
Според препораките на Светската здравствена организација, граѓаните треба да избегнуваат директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Недоволниот внес на течности, долгото престојување на отворено и физичката активност во најтоплиот дел од денот можат да доведат до дехидрација, топлотен удар и други сериозни здравствени проблеми.
Лекарите предупредуваат дека симптоми како главоболка, вртоглавица, забрзано чукање на срцето, гадење и изразена слабост не треба да се игнорираат, бидејќи можат да бидат знак за прегревање на организмот.
Експертите препорачуваат носење лесна и светла облека, редовно внесување вода, избегнување алкохол и засладени пијалаци, како и престој во разладени простории во текот на најтоплиот дел од денот.
Посебно внимание треба да се посвети на децата и постарите лица, бидејќи тие се најранливи на екстремните температури. Лекарите апелираат никогаш да не се оставаат деца или домашни миленици во паркирани автомобили, дури ни на кратко, бидејќи температурата во возилото може опасно да се зголеми за само неколку минути.
Метеоролозите предупредуваат дека топлотните бранови ќе стануваат сè почести, па заштитата од високите температури ќе биде сè поважна за зачувување на здравјето.
