Лео Нелоски под силна конкуренција, повторно на врвот, овој пат меѓу најдобрите шест на ниво на целата територија на Македонија, под менторство на професорката Билјана Атанасовска ја освои целосната стипендија на Гете-институт.
Лео, кој е ученик во деветто одделение во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид по претходно тестирање пред комисија составена од Германија и Македонија, предводена од Гете-институт ја добива стипендијата која целосно ќе биде финансирана од страна на институтот.
Имено, во јуни Лео патува за Германија, каде ќе му биде овозможен престој и каде ќе има можност да допринесе во усовршувањето на неговото знаење од страна на голем број еминантни професори и научни работници. Покрај едукацијата, Лео ќе има можност за остварување на голем број на контакти со негови врсници од целиот свет за понатамошна дружба и соработка.
Лео е исклучително талентиран ученик и ова е само продолжение на успесите кој постојано ги нижи.
новинар: Елена Ристеска
