Ако се донесе одлуката, граѓаните на Македонија по една до две години не ќе треба да купуваат зелен картон за да влезат во Србија, Албанија, Црна Гора, Молдавија и во Босна и Херцеговина.
Владата до крајот на годинава треба да одлучи дали ќе се приклучи на иницијативата на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) со кој се предвидува возачите од една земја на ЦЕФТА да патуваат во друга без да имаат потреба од зелен картон или еквивалентна документација за осигурување. Доколку тоа се одлучи, граѓаните на Македонија по една до две години не ќе треба да купуваат зелен картон за да влезат во Србија, Албанија, Црна Гора, Молдавија и во Босна и Херцеговина.
Од Владата велат дека го добиле нацрт-патоказот од ЦЕФТА, а институциите задолжени за тој сектор работат на предлозите како тоа да се направи.
Договорот за укинување на зелениот картон меѓу земјите на ЦЕФТА, за да се олесни движењето на луѓето и стоките во рамки на ЦЕФТА, треба да се потврди на претстојниот министерски состанок закажан за декември.
На 9 октомври 2024 година, заедничкиот комитет на ЦЕФТА усвои препорака (1/2024), која на земјите од ЦЕФТА им предлага мерки за олеснување на процесите за осигурување од автоодговорност на трети лица во рамки на пазарот на ЦЕФТА. Тоа подразбира возачите од една земја на ЦЕФТА да патуваат во друга земја без да имаат потреба од зелена карта или еквивалентна документација за осигурување, како и намалување на административната такса за зелен картон и дигитализација на документите за осигурување на возилата. Рокот за ова е октомври 2026 година.
