До 1 септември (вторник) е рокот за пријавување на штетите од невремето што на 24 август го зафати Прилепско-Долненскиот Регион и предизвика сериозни последици врз земјоделските насади.
Според првичните проценки, невремето оштетило околу 1.500 хектари земјоделски површини на територијата на општините Прилеп и Долнени. Најголеми штети има кај тутунот, но оштетени се и насади со пиперка и пченка.
Формирана е комисија за проценка на штетите, која веќе е на терен. Досега над 50 земјоделци поднеле барања за утврдување на штетите, кои според првичните проценки се движат од 50 до 100 проценти.
„Станува збор за површина од околу 1.500 хектари на територијата на општините Долнени и Прилеп. Најголем дел од штетите се на површините со тутун, потоа со пиперка и пченка. Првичните проценки од теренот укажуваат дека средината од втората, третата и четвртата берба на тутунот се во целост уништени, зависно од регионот“, изјави Николче Карапеески, претседател на Комисијата за утврдување штети во земјоделството и раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.
Тој посочи дека по завршувањето на пријавувањето, комисијата ќе изврши проценка на терен и ќе изготви елаборат кој ќе биде доставен до локалната самоуправа. Општинскиот совет потоа треба да го усвои и да го достави до Владата, која го утврдува обештетувањето.
Најпогоден е тутунот во Долненско, додека пиперката „ајварка“ е особено оштетена во реонот на Големо Коњари.
Според Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, штетите се движат од 50 до 100 проценти, што значително ќе го намали годинешниот род на тутунот.
Од првично планираните околу 30.000 тони тутун, сега се очекува производството да биде меѓу 25.000 и 26.000 тони.
„Во атарот на Големо Коњари пиперката ајварка е уништена 100 проценти. Кај тутунот најголеми оштетувања има во атарите на долненските села Дебреште, Ропотово, Новоселани, Заполжани и Мажучиште, како и во прилепскиот атар на Големо Коњари. Таму првичните проценки укажуваат на стопроцентно уништување на родот на тутунот“, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.
Земјоделците, во меѓувреме, укажуваат и на проблемот со осигурувањето на земјоделскиот род. Тие сметаат дека условите што ги нудат осигурителните компании се неповолни, иако државата субвенционира 60 проценти од осигурителната полиса.
Во Прилепско има само околу 100 барања за осигурување на родот, што според земјоделците е недоволно.
Од Сојузот најавуваат дека ќе побараат враќање на поранешниот модел на осигурување – полисата да се склучува заедно со договорот за производство на тутун. Дополнително, предлагаат државата да ги задолжи осигурителните компании да осигураат најмалку пет проценти од земјоделските површини доколку сакаат да добијат лиценца за работа.
„Како Сојуз правиме напори да го вратиме стариот начин на осигурување, односно при склучувањето на договорот за производство на тутун да се склучи и полиса за осигурување“, додава Ристески.
За земјоделците, штетите од невремето претставуваат сериозен удар, особено затоа што се уништени делови од најквалитетните берби на тутунот, што директно ќе се одрази врз производството и приходите.
