Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ја посетија Општина Дебрца, каде извршија увид во реализацијата на инфраструктурни проекти од значење за регионот.
Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека сите населени места од Охрид, Дебрца и Струга добиваат пристап до автопатот Охрид-Кичево преку новоизградени пристапни патишта.
Сите населени места од Струга, Дебрца и Охрид добиваат пристап на автопатот Охрид-Кичево. Направивме 18 километри пристапни патишта. Работиме и на реконструкција на локалниот пат од Мешеишта до Волино во Општина Дебрца, како дел од проектот на Министерството за транспорт за поврзување на локалните патишта. Од овој пат се поврзуваат неколку населени места на автопатот Охрид-Кичево, за што во изминатиот период работевме посветено за да можеме да ги испроектираме и изградиме вкупно 18 километри пристапни патишта кои претходно не биле предвидени“, изјави Николоски.
Во своето обраќање, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Владата продолжува со силна поддршка на општините и реализација на капитални инвестиции низ целата држава.
„Добро е кога се работи, добро е кога се пуштаат проекти, добро е кога се отпочнуваат проекти. Со политиката на поддршка на општините и реалокација на средства од централниот буџет кон општините, во моментот се завршени, во фаза на изработка или се отпочнуваат околу 1.200 проекти, нешто што досега не се случило. Кога на тоа ќе се додадат и сите останати капитални инвестиции, доаѓаме до навистина импресивен начин на водење и реализација на капиталните инвестиции“, истакна Мицкоски.
Тој упати честитки до градоначалникот на Дебрца, општинската администрација, советниците, пратениците од регионот и членовите на Владата за нивната посветеност во реализацијата на проектите.
„Очекувам дека сите овие проекти, кога ќе ја добијат својата финална контура и обликот што го очекуваме, драматично ќе го подобрат квалитетот на животот и додадената вредност во секојдневието на граѓаните“, порача премиерот Мицкоски.
Од Владата потенцираат дека инфраструктурниот развој и подобрувањето на локалната патна мрежа остануваат меѓу приоритетите, со цел подобра поврзаност и рамномерен регионален развој.
