На 30 јули, православните верници го одбележуваат празникот посветен на света великомаченичка Марина, во народната традиција многу попозната како Огнена Марија. Иако овој ден не е означен со црвени букви во црковниот календар, во народното верување зазема исклучително значајно место, особено меѓу постарите генерации и жените.
Сестра на громовникот Илија
Во фолклорната традиција, Огнена Марија се смета за сестра на свети Илија, громовникот, и слично како него, ја носи божјата казна со оган и громови. Од тука доаѓа и нејзиниот назив – „огнена“. Според верувањата, таа е поборничка за правдата и заштитничка на жените, а нејзиниот ден се смета за толку свет, што секој труд и работа се гледаат како прекршување на божјата волја.
Што не треба да се прави?
На овој ден, не се работи ништо – ниту на нива, ниту во куќата. Посебно е важно да не се извршуваат полјоделски работи, зашто се верува дека тоа може да предизвика пожари, громови или поројни дождови како казна.
Некои стари верувања велат дека дури и вденувањето конец во игла, шиењето или готвењето може да донесат несреќа. Поради тоа, голем број жени овој ден го минуваат во мир, молитва и почит кон светицата.
Празникот на „Горешниците“
Празникот на света Марина се наоѓа во самиот крај на т.н. „Горешници“, период од три исклучително жешки денови (28, 29 и 30 јули), за кои се верува дека се опасни и дека бараат воздржаност од работа, палење оган и секојдневен напор.
Животот и мачеништвото на светата Марина
Марина била родена во паганско семејство, но уште на 12-годишна возраст тајно се крстила и станала христијанка. Поради својата вера и одбивањето да се покори на барањето да се поклони на идолите, на само 16 години таа била мачена и конечно убиена со меч.
Низ вековите, нејзините мошти се прославиле со чуда, а денес дел од нив се чуваат во манастирот посветен на неа, над Охридското Езеро, на планината Ланга, во Албанија.
Ден за стравопочит и молитва
Огнена Марија, покрај тоа што е празник на мир и воздржаност, во некои семејства се слави и како семејна слава, особено во западниот дел на Македонија и делови од Албанија каде што се наоѓа манастирот.
Празникот е потсетник на храброста, вербата и жртвата, но и на моќта на природата и духовниот свет. За многумина, ова е ден за размислување, за тишина, молитва и зајакнување на врската со божјите закони.
