Доцент Д-р Игор Исјановски е уште едно дете јунак кое пораснало на нашата клиника, но и понатаму останува јунак за сите идни бебиња родени на нашата клиника. Доц. Д-р Игор со својата специјалност на офталмолог, е задолжен прв да го погледне сиот свет во тие мали бистри очиња на овие предвремено родени бебиња. Како пациент роден на Клиниката за гинекологија и акушерство тој не ги прегледува само овие дечиња, туку им приоѓа со нежност, им зборува со кроткост, ги гледа со восхит. Не постои емоција која не ја доживеал и искажал. Кога професијата ќе се наметне сама, кога професијата е повеќе од образование и работа, кога професијата не те дефинира како човек, туку човечкото во тебе ти ја дефинирало професијата. Му благодариме на Доц. Д-р Игор кој често не посетува, кој сите мали очиња ни ги проверува, кој ги храбри и родителите и кој ги третира недоносените. Доц. Д-р Игор е пример и поттик за сите бебиња и сите родители и дека силата не е во мускулите, дека грижата не треба да не блокира, туку напротив стимулира. – стои во објавата на ЈЗУ Универзитетска клиника за Гинекологија и Акушерство – Скопје.
Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство вчера (17.11) со неколку емотивни објави го одбележи денот на предвреме родените бебиња, а една од најемотивните беше онаа за доцент д-р Игор Исјановски.
Од предвреме родено бебе во 29-тата гестациска недела со 950g родилна тежина, тој денес е доктор офталмолог, кој ги прегледува очињата на предвремено родените бебиња.
