Во Скопје е отворен првиот клуб во Македонија наменет за лица со афазија – Клубот „Надеж“, кој треба да обезбеди простор за поддршка, дружење и полесно повторно вклучување во општествениот живот на лицата кои се соочуваат со нарушувања на говорот и комуникацијата.
Клубот е иницијатива на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија „ХОУП“, реализирана во партнерство со ЈЗУ Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.

Од иницијаторите посочуваат дека афазијата најчесто се јавува по мозочен удар, а последиците не се ограничуваат само на говорот. Лицата може да имаат сериозни тешкотии во комуникацијата, иако нивните мисли, чувства, личност и потреба за социјална поврзаност остануваат присутни.
„Губењето на говорот не значи губење на мислите, чувствата, личноста и потребата да се биде дел од општеството“, посочуваат од „ХОУП“.
Клубот „Надеж“ треба да биде место каде лицата со афазија ќе можат да се чувствуваат разбрани и прифатени, да се дружат со други лица кои се соочуваат со слични предизвици и постепено да ја враќаат самодовербата.
Проектот е реализиран со поддршка од повеќе организации и компании. Здружението КОНЕКТ ја поддржало првата фаза преку финансиски средства од својот Донаторски кружок, додека „Елена Лука Хоум“ целосно го реновирала просторот.
Градежните работи за обезбедување полесен и непречен пристап ги изведела „Циклама инженеринг“ од Гостивар, а поддршка и донации обезбедиле и други општествено одговорни компании.
Од „ХОУП“ велат дека отворањето на клубот е резултат на повеќегодишна соработка и заедничка визија со здравствената институција.
Клубот „Надеж“ има цел да прерасне во сигурно место за лицата со афазија и нивните семејства, каде преку поддршка, дружење и активности ќе се создаваат нови пријателства и ќе се намалува чувството на изолираност.
„ХОУП продолжува да создава надеж. Заедно сме посилни!“, порачаа иницијаторите.
