Царинската управа во наредниот период ќе спроведе интензивни проверки на пловните објекти кои се користат на Охридското Езеро. Контролите ќе ги реализираат службениците од Секторот за контрола и истраги, со цел да се утврди дали пловилата имаат уреден царински статус и дали се почитуваат законските обврски предвидени со царинските прописи.
Од институцијата апелираат до сопствениците и корисниците на пловни објекти кои сè уште немаат регулирана царинска документација навремено да ја завршат потребната постапка. Во спротивно, пловилата кај кои ќе бидат утврдени неправилности ќе бидат предмет на законски мерки, вклучително и привремено задржување до целосно регулирање на нивниот статус.
Контролите ќе ги опфатат и пловилата во сопственост или користење на странски државјани кои престојуваат во земјава врз основа на одобрение за привремен увоз. За овие пловни средства ќе се проверува дали се почитуваат роковите и условите утврдени со дозволите, односно дали по истекот на рокот го напуштиле царинското подрачје или за нив е спроведена соодветна царинска постапка.
Покрај царинскиот статус, инспекторите ќе вршат проверки и за тоа дали пловилата ги управуваат лица кои имаат законско право и соодветни овластувања за управување.
Од Царинската управа посочуваат дека ваквите активности се дел од редовните мерки за надзор и контрола, чија цел е обезбедување почитување на прописите и спречување на евентуални злоупотреби при користењето на пловните објекти.
Воедно, упатуваат апел до граѓаните и странските државјани навремено да го усогласат статусот на своите пловила и да постапуваат согласно важечката законска регулатива.
