Мартовската минимална нето – плата, согласно Законот за минимална плата треба да биде поголема за 1.667 денари од сегашните 24.379 денари и ќе изнесува 26.046 денари.
„Исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за месец март секоја година се усогласува со: 50 % од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и – 50 % од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“, стои во Законот за минимална плата.
Државниот завод за статистика ги објави податоците за просечната бруто-плата,податок кој сите го очекуваа. Таа во 2025 година изнесувала 67.951 денар, а во 2024 година била 61.984 денари. Ова значи дека за една година просечната бруто-плата се зголемила за 9,62 насто.
Исто така, Државниот завод за статистика ја објави и просечната инфлација во 2025 година во однос на 2024 година, и таа изнесува 4,1 процент.
Во бруто-износ, новата минимална плата, согласно Законот треба да биде зголемена за 2.470 денари, од сегашните 36.037 денари, на 38.507 денари.
