Актуелниот претседател Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова викендов и официјално добија партиска поддршка за кандидатурите за претседател на државата, но и од граѓаните, откако ги собраа потребните 10 000 потписи. Седум кандидати за претседател на државата досега се потврдени со граѓански потписи, а постапката продолжува за уште четворица и ќе заврши на 8 март на полноќ.
СДСМ вчера информираше дека во рекордно време, за неполни пет часа, собрани се 10 000 граѓански потписи за поддршка на кандидатурата за втор мандат на претседателот на државата Стево Пендаровски. Поддршката за Пендаровски владејачката партија синоќа ја потврди и на Конгрес. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така објави дека од 08.00 до 12.00 часот се собрани 12 000 потписи за нивната кандидатка за претседател Силјановска Давкова, за која завчера одржаа и конвенција за поддршка.
Широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа, порача Пендаровски, откако на Конгресот на СДСМ доби поддршка за нов претседателски мандат.
Тој оцени дека се лажни анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека вистинските покажуваат дека СДСМ и Пендаровски ќе ги добијат претстојните и парламентарни и претседателски избори.
-Реалните анкети што тие не ги даваат во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време се променети, рече Пендаровски.
Пораки за изборни победи и вчера упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Очекувам убедлива победа во првиот круг со предност поголема од 100.000 гласови во однос на второпласираниот Стево Пендаровски, изјави Мицкоски откако се потпиша за кандидатурата на Силјановска – Давкова.
Според него, поддршката од граѓаните со над 15 000 потписи собрани вчера само од 8 до 12 часот, е силен индикатор дека граѓаните се одлучни за промени.
Потребните 10 000 потписи досега ги обезбедија лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Билјана Ванковска, кандидат на Левица, како и Арбен Таравари од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори почнува на 4 април, а за парламентарните на 18 април. Во тек е увидот во избирачкиот список.
