Состојбата со водоснабдувањето во Општина Струга постепено се подобрува, а во наредниот период се очекува зголемување на количините на вода и стабилизирање на снабдувањето, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Струга.
Од претпријатието објаснуваат дека проблемите со нередовното и недоволно снабдување со вода во изминатиот период биле предизвикани од намалената издашност на изворите поради неповолната хидролошка состојба.
Оттаму посочуваат дека, со исклучок на дефектот од 28 октомври, кој бил предизвикан од трета страна и во меѓувреме е саниран, проблемите не биле резултат на дефекти во водоводниот систем.
Во изминатиот период биле отстранети и повеќе дефекти, дел од нив долгогодишни, со цел намалување на загубите на вода и подобрување на водоснабдувањето.
Паралелно, во соработка со надлежните институции и експерти се работи на изнаоѓање долгорочно решение за стабилно водоснабдување на жителите.
Од претпријатието најавуваат дека предлозите за трајно решавање на проблемот наскоро ќе бидат доставени до надлежните органи и институции, а воедно упатуваат апел до граѓаните за разбирање.
