Одговорно тврдам дека ова раководство на Министерството за внатрешни работи, откако сум јас на чело на истото, има нулта толеранција за секаков вид криминал, без разлика кој е сторителот, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
И вашето прашање исправно е формулирано – во минато време, кога бевме сведоци на селективност во борбата против криминалот на роднинска, партиска, национална, верска или друга основа… Меѓутоа, пак ќе повторам, тоа време е завршено! За нас важи правилото – кој сака и од каде сака нека биде, ако згрешил пред законот и пред правдата, тој ќе одговара. Нема настан за кој полицијата не постапувала и не поднела соодветна пријава. Дека не постојат „заштитени зони“ покажавме и со редовните контроли по населените урбани или рурални места, каде МВР постапува врз основа на изготвени анализи и планови, истакнува министерот Спасовски во телевизиско интервју, одговарајќи на прашањето дали полицијата прави селекција на криминалците по национална основа.
Тој упати порака до сите граѓани, дека „нема да отстапиме од нашата намера да ги гарантираме мирот и безбедноста на секој еден граѓанин на територијата на Република Северна Македонија“, одговарајќи на прашањето за оперативната акција „Безбеден град“.
„Безбеден град“ е една опсежна оперативна активност, насочена кон криминалните структури, а со цел да спречиме закани, уцени, продажба на наркотици и оружје и слично. Таа дојде како продолжение на минатогодишниот оперативен план „Безбедно лето“, што даде видливи резултати, што беше мотив повеќе да ја продолжиме борбата со овие предизвици и со акцијата „Безбеден град“, со која досега се лишени од слобода околу 150 лица. Со оваа активност ќе продолжиме и во наредниот период, за да застанеме на патот на сите оние коишто мислат дека криминалот ќе им се исплати, истакна Спасовски.
