Социјалистичката партија на Македонија реагира на упорното и тврдоглаво настојување на власта по секоја цена да ги спроведе уставните измени. Истовремено со ефтин макијавелизам власта наводно остава простор за дијалог иако од опозицијата секојдневно добива порака за исклучување на било каков разговор, освен очекувањето на одговор за двата предлози.
Спротивно на тоа Османи со провиден и приземен левантизам зборува за некаков небулозен процес и за почитување на преговарачката рамка.
Социјалистичката партија на Македонија на тврдоглавите иницијатори на уставните измени им предочува дека формата на преговарачката рамка и протоколите се последица на нивната неспособност и некомпетентност, ни случајно наивност, но секако апатридност и неодговорност. Со начинот на насилно изгласување на францускиот предлог и со исклучување на опозицијата уште минатата година загубени се можностите за опозициска кооперативност, најмалку поддршка.
Инфантилноста на Владата и лекоумноста на министрите покрај внатрепартиски се и општ проблем, па оттаму неприфатлива и одбивна за граѓаните е најавата на Маричиќ за дополнителни аргументи за зацврстување на образложението на иницијативата за уставните измени пред да се испрати во собраниска процедура.
Секако и најавата за непосредни разговори со пратениците, нешто што е противзаконско и кое повлекува не само политичка одговорност туку и многу посложени последици.
Ставот на Социјалистичката партија на Македонија е дека власта на СДС и ДУИ спроведува отворена антимакедонска политика во државата со која владее, а чиј суверен е македонскиот народ.
Затоа власта и по овој основ неможе да очекува од опозицијата, како единствен народен претставник, да одговори со некаква соработка.
Социјалистичката партија на Македонија со сета историска одговорност му укажува на македонскиот народ и на сите граѓани дека зад иницијативата за уставните измени, а која наскоро ќе се претвори во отворено политичко насилство врз опозицијата, наместо започнување на преговарачкиот процес стои единствениот интерес на креаторите на скандали и корупција, докажаните криминалци во СДС и ДУИ за задржување на власта по секоја цена.
Наводно загржените евроитегративци и најобични крадци во суштина се најголемите кочничари на македонските интеграции и токму тие државата ја водат во изолација, а за тоа со примитивна итроштина ја обвинуваат другата страна.
За Социјалистичката партија на Македонија неприфатливи се иницијативите на власта кои ги цениме како многу задоцнети. Кај нас недовербата кон најодговорните државни и партиски лица е крајно висока.
Сметаме дека оваа состојба на длабока политичка криза е преголем предизвик за оваа Влада која нема потребен капацитет за справување.
Владата, чиј единствен успех се корупцијата и криминалот, е вистинскиот и најголемиот блокатор на евроинтегративниот процес на Македонија.
Социјалистичката партија на Македонија смета дека нелегитимната власт како најголем и единствен виновник за вкупната катастрофална стопанска, економска, енергетска, прехрамбена, здравствена, мигрантска кризна состојба и политичка која прераснува во уставна криза мора да поднесе оставка за спас на државата Македонија, македонскиот народ и граѓаните, а вонредните избори се единственото излезно решение.
