Како што посочија, на почетокот на овој месец, осомничените српски државјани, со цел да направат подготовки за веселба, дошле во домот на родителите на девојчето. Бидејќи девојчето немало патна исправа, осомничената „свекрва“ уплатила износ од 6000 денари за поднесеното барање за издавање на патна исправа по итна постапка.
Иако девојчето не сакало да се омажи, плашејќи се од брата си, се покорило на неговата желба и на 4 септември оваа година во домот на нејзините родители била направена веселба. Во знак на револт и несогласување со ваквиот брак, на веселбата не присуствувала мајката на девојчето. Сепак, тоа не ги поколебало осомничените српски државјани и не отстапиле од намерата да ја земат невестата за која веќе ги исплатиле парите.
Од ОЈО појаснуваат дека кога завршила веселбата, под притисок и закани од првоосомничениот, девојчето заедно со свекорот и свекрвата – осомничените српски државјани и нивните роднини се упатиле во куќата на сестрата на свекрвата, каде останале до издавање на патната исправа. Откако ја подигнале патната исправа, свекрвата заедно со девојчето дошла во домот на нејзините родители на девојчето и побарала од мајката да појдат на нотар за да потпише полномошно за патување на малолетничката во странство. Бидејќи мајката не се согласувала со присилниот брак, го одбила ова барање, по што случајот бил откриен од страна на овластени службени лица.
-Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот и на сите осомничени им изрече мерка притвор во траење од 30 дена, се вели во соопштението.
За кривичното дело што им се става на товар на осомничените запретена е казна затвор во траење од најмалку осум години.
