На денешен датум, 10 октомври се одбележува Светскиот ден на менталното здравје. Иницијативата е покрената од Светската федерација за ментално здравје во 1992-ра година, со цел да се сврти вниманието на јавноста и покрене свеста за превенција и навремен третман на менталните растројства.
Менталното здравје е многу повеќе од недостаток на болест; тоа е и добросостојба којашто вклучува капацитет за формирање и одржување на релации, учење, работа, одмор и разонода, како и можност и право на лични одлуки и избори.
„Многу аспекти на менталното здравје се голем предизвик. Пред пандемијата во 2019 година, се проценува дека 970 милиони луѓе на глобално ниво живееле со ментално растројство, односно еден од осум луѓе на глобално ниво живеел со ментално растројство. Покрај тоа, 14% од адолесцентите во светот (на возраст од 10-19 години) во 2019 година живееле со ментално растројство. Истовремено, постои недостиг на услуги, вештини и доволно финансирање на менталното здравје, особено во земјите со низок и среден приход. Пандемијата Ковид-19 создаде глобална криза поврзана со менталното здравје, поттикнувајќи краткорочни и долгорочни стресови и поткопувајќи го менталното здравје на милиони луѓе. Проценките покажуваат дека порастот на анксиозноста и на депресивните растројства е повеќе од 25% во текот на првата година од пандемијата, услугите за ментално здравје се сериозно нарушени, а истовремено се продлабочи и јазот во потребите и можностите за третман на состојбите со ментално здравје.“, стои во соопштението на Институтот за јавно здравје по повод 10 октомври.
