Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети петнаесет Тивериополски маченици: Теодор, Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, Василиј, Тома, Јеротеј, Даниил, Харитон и Сократ.
Преку нив стана сенародното просветлување на Тиверијците, а Христос им стана познат и на жителите на околината. Кон овие четворица притекнаа и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кои што беа презвитери, и Василиј и Тома коишто беа ѓакони, Јеротеј, Даниил и Харитон коишто беа монаси и Сократ кој порано бил војник, но се откажал од сè и стана дел од овој добар чин на отците. Кога за ова дозна царот Јулијан испрати луѓе во Тивериопол со заповед тамошните жители да се откажат од Христа и да им се поклонат на идолите. Најпрвин пред царските пратеници беа повикани овие петнаесет свети мажи. Но, бидејќи тие не сакаа да им принесат жртва на демоните и на нивните идоли веднаш беа осудени на смрт и посечени со меч. Кога Светиите го завршија својот благочестив живот, нивните чесни тела многу денови стоеја зафрлени бесчесно за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици. Но, Господ ги запази недопрени и неповредени така што оние што ги гледаа го прославуваа Христа Бога.
Подоцна, некои христијани се собраа и ги подигнале со почести чесните тела на Мачениците, ги завиткаа во чисти плаштаници и откако ги извршија сите служби, ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на којшто било напишано името на секого од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа. И по смртта, Мачениците вршеа големи чудеса, не само на месните жители, туку и надвор од границите на Тивериопол, така што мнозина од Елините познавајќи ја Вистината пристапуваа кон верата Христова и се крштеваа. На тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не остана ниту еден безбожник. А верата се беше распространила и во останатите западни краишта така што Тивериопол стана како некоја кула од секаде видлива, којашто ја раздаваше и на другите градови светлината на верата и ги враќаше од мракот на заблудата оние што се наоѓаа во длабокото море на неверието.
Светите Петнаесет Тивериополски свшетеномаченици и денес се почитуваат како покровители и заштитници на градот Струмица.
